Автосалоните Останаа без Муштерии

//Автосалоните Останаа без Муштерии

Автосалоните Останаа без Муштерии

Во првите два месеца од годинава во државата се продавани по 250 до 300 нови возила, што е најмалку досега. Тргнувајќи од овие бројки, увозниците на автомобили прогнозираат дека оваа година ќе биде најтешка за нив и велат дека овој бизнис е во тешка рецесија.

Пад на продажбата на автомобили регистрира и Западна Европа. Како што јавува специјализираниот интернетпортал „Инаутсњуз” должничката криза е причина продажбата на автомобили во февруари да се намали за 11,4 проценти, на 851.000 возила. Од истите причини во јануари и во февруари, според податоците на консултантската група „ЛМЦ аутомотив”” продажбата на автомобили во Западна Европа била под 1,8 милиони, 9,8 отсто помалку во споредба со истиот период од 2011 година. Од нов автомобил најмногу се откажувале Французите и Италијанците. Во нивните земји продажбата паднала за 20, односно 18,9 отсто.

Увозниците на нови автомобили велат дека сепак, кај нас е најтешко и никогаш не било полошо. Тие информираат дека во салоните скоро никој не влегува, а ако се следи прометот што го оствариле во јануари и февруари, нема надеж дека до крајот на годинава ќе достигнат продажба од 4.000 возила, или прометот ќе им се сведе едвај на 20 отсто од тој што го имале во 2008 година, кога се продадени 18.000 автомобили.

Податоците на Царинската управа на Македонија покажуваат континуиран пад на увозот на нови возила. Во 2009 година се увезени 16.151 ново патничко возило и 10.574 употребувани. Во 2010 кога Владата дозволи увоз на половни возила со намалена акциза, продажбата на нови падна на 7.183, а на употребувани порасна на 51.399. Лани пак, од салоните се купени само 5.795, а од плацовите за стари возила 34.326 автомобили.

Импортерите сметаат дека токму владината мерка за поевтин увоз на половни возила е главна причина за десеткувањето на прометот со новите. Затоа, бараат да се изедначат стандардите за старите и новите возила, односно, и половните возила да не смеат да се увезат ако не се ЕУРО 4, како и новите. Според сегашната регулатива, најнизок стандард што треба да го имаат увезените половни возила е ЕУРО 2.

Причина која ги одвраќа граѓаните од влегувањето во салоните за автомобили се и кризата која го намали домашниот буџет, како и тешката достапност до банкарските кредити. Најновата статистика на Народна банка на Македонија покажува дека во јануари годинава вредноста на издадените автомобилски кредити на граѓани изнесувала 2.452.000.000 денари, што е за цела милијарда денари помалку отколку во 2009 година. Од 2009 година до сега автомобилските кредити се во постојано опаѓање, а сега поради кризата банките се многу попретпазливи и ги заоструваат критериумите за нивно одобрување.

Овие две работи според увозниците на нови автомобили се пресуцни за крахот на нивниот бизнис. Некои од нив велат дека се подготвуваат да ги затворат салоните, а речиси сите го намалуваат бројот на вработени и веќе не прават промоции на нови возила. Според нив, пропаста на овој бизнис ќе значи затворање на околу 3.500 работни места, колку што работат во браншата увоз на автомобили, вкгучувајќи ги и сервисите и другите придружни дејности.

Грците извезуваат стари возила

Додека кај нас половните возила се увезуваат, во Грција се извезуваат. Податоците на ЕУРОСТАТ покажуваат дека извозот на половни автомобили од Грција во последниот период пораснал за 400 насто. За тоа е виновна тешката економска криза, која довела до тоа скапи, скоро нови автомобили на пазарот да постигнуваат ниски цени, што пак, на извозниците им овозможила во странство да ги продаваат поскапо. Грчките дилери сега без посредници од странство ги продаваат автомобилите во Европската Унија, Азија, Африка, а отвораат и нови пазари. Поради катастрофално лошиот промет, кој паднал за 31 отсто, лани 20 отсто од салоните за автомобили во Грција биле затворени, а годинава најпродавани се малите економични патнички возила.

[custom_frame_center]Автосалоните Останаа без Муштерии[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 20.03.2012

Автор: Светлана Вукчевиќ

By | 2012-03-20T03:47:53+00:00 20/03/2012|Автомобили|