Пининфарина”, „буби”, „тополина”, „фиќовци”, „мерцедеси”, „дијани”, „минимориси”, „фордови”, џипови и уште многу други модели на олдтајмери, освен на филм, можеа да се видат и во живо на изложбата на историски возила што се одржа во саботата на градскиот плоштад. Со наполнети седумдесетина години, возилата изгледаа како да се штотуку излезени од салон. Со тазе боја, нови делови, светат како во најдобрите години. Подготвени за фотосесии, на посетителите им приредија невообичаен ден полн со восхитувања и безброј прашања на шестата изложба на историски возила, на која учествуваа над 100 олдтајмери.
Толку олдтајмери на едно место претставува вистинско задоволство. Тие не можат да се видат секој ден, па затоа сега не остават без здив. Сите се обновени, освежени со боја, да ти е мерак да ги гледаш. Ништо не ни преостанува, освен да ги фотографираме и да им се восхитуваме вели Драган Стојановски, посетител на изложбата.
ОД СТАРО ЖЕЛЕЗО ДО УНИКАТЕН МОДЕЛ
Некои од олдтајмерите веќе имаат добиено неколку признанија и награди. Сопствениците горди на своите дела, љубезно ги пречекуваа гостите на изложбата.
Црвена „опел олимпија” од 1952 година, реставрирана пред пет години, привлече големо внимание кај минувачите. Сопственикот вели дека му биле потребни три години да ја врати во функција. Делови тешко наоѓа, претежно ги бара на Интернет или од стари модели.
Големо задоволство ми причинува овој автомобил. Обожавам да го возам. Го користам и за посебни пригоди, за свадби, ми ја бараа и за спот на Бојан Маровиќ. Исто така за фотосесии на свадби. Привлекува многу внимание, особено кај женскиот пол. Љубител сум на олдтајмери, имам уште два, „фиат” од 1958та и „мерцедес” од 1967та се пофали сопственикот Драганчо Богоевски.
Едно од најстарите возила на изложбата беше „фиат тополино” на Боре Ангеловски од 1936 година.
Возилото беше фрлено, цело демолирано, му фалеа многу делови. Но го зедов како старо железо и си го составив од почеток. Сега се е оригинал и во функција. Бидејќи некои делови не можат да се најдат, сам си ги правев, некои ги купив од Италија и од Загреб. И откако го средив одлично функционира. Постојано го возам, еве сега на изложбата и со него дојдов. Имам нов автомобил, но ова ми е душевна храна. Ова возило во Германија и во Италија е проценето на околу 70 илјади евра, бидејќи е многу ретко вели Ангеловски.
На изложбата можеше да се види и џип користен во ЈНА, стар 42 години. Митко Ташов е негов сопственик и го има 15 години. Сега го користат само за офроуд-патувања. Изложено беше и „пежо 404″ од 1941 година, но како сега да излегло во продажба. Сопственикот Бане Богоевски вели дека 14 години го има и го реставрирал целосно.
Постојано го возам и многу ми е мерак. Но сега планирам повторно да го обновам и да не го возам толку често. Само на суво време, за да не го оштетувам, сепак многу тешко се наоѓаат делови и тешко се одржува. Со него имам добиено признанија за најдобро реставрирано возило. По повод 100 години од првиот автомобил во Македонија, еден период стоеше во Музејот на градот Скопје вели Богоевски.
И „фиќовците” беа многубројни, некои повеќе, некои помалку средени. Секои посебни на свој начин. Нивните сопственици биле многу креативни, така што изгледаа уникатно, со мали додатоци се разликуваа едни од други. Но „фиќото” на Аце Анастасовски беше мевлем за очи, имаше тазе боја, нови делови, светнато ка ко но во.
САМО ЗА УКРАС
Тој вели дека му биле потребни шест години да го обнови, со многу љубов и труд тоа сега е како во своите најдобри години.
Не го возам, го имам само за гледање, како украс, како риба во аквариум. Ова ми е прва изложба, но сметам дека немам конкуренција, не верувам дека некој има како моето „фиќенце” воопшто, не само на оваа изложба. А и сите овде се горди на своите возила, затоа и се дојдени овде вели Анастасовски.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 02.07.2012
Автор: Сања Јачевска