Плаќањето според успешност стартува од 1 јули, со што работата на лекарите ќе се оценува според тоа кој, што и како сработил во текот на месецот. За овој проект постојат многу негативни реакции кај лекарите, кои сметаат дека нивната работа нема да биде реално платена. Според министерот за здравство Никола Тодоров на овој начин лекарите ќе ја добијат заслужената плата.
– Првиот постулат е дека имаме загарантирана плата од 100 проценти на почетокот на месецот, вториот постулат е дека на крајот на месецот некои од здравствените работници кои најмногу се залагале и постигнале најдобри резултати може да бидат наградени со зголемување на платата до 20 проценти за тој месец. Може да бидат казнети со намалување на платата до 20 проценти оние кои несовесно или со помал обем ги извршувале работните задачи во однос на нивните колеги – вели Тодоров.
Според него, ако директорот на болницата забележи дека некој од лекарите заостанува, тогаш ќе ги викне ќе ги опомени и ќе им овоможи до крајот на месецот да ја подобрат работата.
– Бидејќи имаме дозволена маргина на отстапување можно е да се случи најголемиот дел или над 95 проценти да бидат во групата во која ќе имаат 100 проценти плата, а еден дел од здравствените работници да бидат во групата кои ќе бидат наградени. Го поставивме системот да биде мотивирачки за оние кои совесно навремено ги извршуваат своите работни задачи и финансиски да бидат наградени. Оние кои помалку се залагале ќе бидат казнети. Докторите се оние кои ги прават бодовите, а не Министерството и тие определуваат која интервенција со колку бодови ќе се вреднува – вели Тодоров.
Според објаснувањата на Тодоров, ако најниската плата на еден специјалист е 30.000 денари, тој најпрво ќе биде награден со 20 проценти и ќе земе 36.000 денари. Ако тој биде еден од тие 100 најдобри доктори потоа ќе земе дополнителни 30.000 денари и на тој начин платата со сите примања ќе му биде околу 66.000 денари за тој месец. Меѓутоа ако биде казнет ќе има забрана за вршење на дополнителна дејност.
