Општина Центар ќе ги брка дивите препродавачи и непрописно паркираните возила околу Зелен пазар. Акцијата е на иницијатива на граѓаните што живеат во близина на пазарчето, а одлуката е донесена на завчерашната средба на општината со жителите од овој реон. Дивите препродавачи со своите импровизирани тезги од картон и паркираните автомобили го окупираат целиот слободен простор околу пазарот и го отежнуваат движењето на граѓаните во овој реон. Оваа слика е секојдневие покрај Зелен пазар, а бројот на нелегалните трговци постојано расте, па граѓаните се принудени во целиот метеж да се снаоѓаат како да пристапат до влезовите на своите домови. Жителите кои веќе подолг временски приод се жалеа на ужасната состојба во која се наоѓаат улиците и тротоарите околу пазарчето се задоволни што конечно добија решение на овој долготраен проблем.
Со ѓубрето кое го оставаат зад себе сериозно ја нарушуваат хигиената, а околните улички се целосно блокирани, со што е отежнат пристапот до објектите. Граѓаните од урбаната заедница се пожалија на ужасната состојба околу пазарот, а како најголеми проблеми ги посочија нехигиената, неможноста за пристап до своите гаражи, блокираните улици, окупираните подрумски простории како и незаконското вршење на трговија стои во соопштението на Општината Центар.
На средбата со граѓаните освен градоначалникот Владимир Тодоровиќ присуствувале и претставници од Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од МВР-ПС Центар, од Комунална хигиена, како и директорот на Скопски пазар. Според портпаролот на Општината Центар, Јовица Ацковски, нелегалните препорадавачи освен на жителите од околината на Зелено пазарче им штетат и на пазарџиите од пазарот кои плаќаат давачки за тезгите.
Надлежните од Општина Центар уште еднаш ги предупредија дивите препродавачи да престанат со вршење на нелегални дејности и да го ослободат просторот околу пазарот. Доколку пазарџиите околу Зелениот пазар и по ова предупредување не ги отстранат своите тезги на кои незаконски продаваат производи, наши инспектори ќе интервенираат на терен. Овие поединци кои без ничија дозвола тука тргуваат, нелојално им конкурираат на пазарџиите од пазарот кои легално ја работат својата дејност. Дивите пазарџии тука само доаѓаат и си ги поставуваат своите тезги и ништо не плаќаат, со што ги ставаат пазарџиите од пазарот во помалку конкурентна положба. Ги известуваме дивите продавачи околу пазарот дека веднаш ќе започнеме со засилени контроли од страна на надлежните органи и ќе бидат преземени најригорозни мерки за прекошителите на законот. Ова се однесува и на неправилно паркирани автомобили и камиони, изјави портпаролот на општината.
Од Општина Центар најавуваат дека контролите нема да застанат кај Зелено пазарче и во иднина на мета на инспекторите ќе бидат сите препродавачи околу зелените пазари во Скопје кои заоаботуваат нелегално.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 28.03.2012
Автор: Г.З.