Од Трговец до Најголем Производител на Млеко

//Од Трговец до Најголем Производител на Млеко

Од Трговец до Најголем Производител на Млеко

Дека и од трговец може да стане успешен производител докажа Јован Дабевски, првиот човек на најголемата млекарница во Македонија, „Здравје Радово”. Од мала млекарница, која дневно преработуваше едвај 2 тона млеко, прерасна во голем бренд за млечни производи, кој ги полни рафтовите на домашните маркети, но и во соседните држави. Бело сирење, кашкавал, павлака, млеко се само дел од нивната палета на производи, која веќе десет години е присутна на трпезата во секое домаќинство.  Претходно се занимавав околу 15 години со увоз, извоз и трговија на големо, генерално на млечни производи, така што добро го владеев пазарот, ги познавав купувачите, нивните желби. Во тоа време доминантни беа увозните производи, односно недостасуваа многу од палетата на млечни производи од домашно производство. Сето тоа покажа дека не е иднината во трговијата, туку во производството. Така и се роди идејата за производство на млечни производи.

Каков беше почетокот на компанијата?

Во 2002 година со гринфилд инвестиција во струмичкото селото Радово оформивме скромен капацитет за преработка на 2.000 литри млеко дневно. Во тој момент на пазарот беа доминантни белите видови сирења и тоа бугарски, кои беа многу евтини. Ние тргнавме со обратна логика, дека недостасуваат квалитетни традиционални бели сирења, и во однос на желбите на младите генерации, изедначени по квалитет. Затоа решивме да произведуваме квалитетни млечни производи, кои ќе бидат поскапи од бугарските. Ни предвидуваа дека оваа идеја нема иднина, меѓутоа нашите сирења беа веднаш прифатени. Потоа инвестиравме во опрема за производство на кашкавали со растително потекло, кои се користат многу во индустријата за брза храна по кои се уште сме единствени на овој дел од Балканот, и тие брзо станаа наш извозен артикал. Подоцна создадовме капацитет во Куманово, односно инвестиција во производство на ферментирани производи, јогурти, павлаки.

Колкав дел од производството извезувате?

Во меѓувреме почнавме да извезуваме и успеавме да станеме најголем извозник на млечни производи. Ако се земе предвид дека Македонија има недостиг од млечни производи и затоа има голем увоз, сега може да се пофалиме и дека извезуваме и тоа во земји што се подоминантни во производството на сирово млеко, какви што се Хрватска или Србија со нивните огромни житници Славонија и Војводина. Во овие земји пласираме сопствени производи. Притоа имавме стратегија не да извезуваме се и сешто, туку само производи по кои ќе станеме доминантни. Затоа се правеше длабока анализа на тие пазари и денес таму главно извезуваме бели сирења, а овој извоз од година во година расте. Над 25 отсто од нашето производство оди во извоз.

Неодамна одбележавте 10 години постоење. Дали сте задоволни од она што го постигнавте изминатава деценија?

Задоволство постои бидејќи за релативно кус период успеавме да станеме прво трета, па втора и од оваа година и најголема млекарница во Македoнија. Денес преработуваме над 110 тони млеко дневно како влезна сировина и за речиси 30 отсто сме поголеми во поглед на сировината од втората по големина млекарница во земјава. Притоа, постојано имаше преземање на други млекарници од познати странски брендови, влегување во самото производство. Но, тие имаа стратегија покрај производите од сопственото производство, овде да носат и пласираат и производи од други свои млекарници. Нашата стратегија е да откупуваме што повеќе македонско млеко, да произведуваме македонски производи и да ги пласираме на други пазари. И тоа не одржа и ни овозможи континуиран пораст. Посебен однос воспоставивме со кооперантите, со редовност во исплати, помош во набавка на јуници, обуки, воведување технологии. Тоа создаде доверба и тие го препознаа таквиот наш однос како нешто што им гарантира иднина, што нам ни овозможи сигурност во снабдувањето со сировина.

Со колку фармери соработувате?

Денес имаме 2.000 кооперанти и првите 10 најголеми фарми, како ЗИК„Пелагонија”, која има производство од повеќе од 20.000 литри млеко дневно, се наши кооперанти. Се гордееме што најголемите фарми во Македонија се наши соработници, бидејќи тие имаат и најдобар квалитет на млеко. Квалитетот на сировината е многу битен за крајниот производ, а токму големите фарми имаат квалитет што ги исполнува сите ЕУ-стандарди.

Кои беа вашите цели во овој период и кои ви се плановите за во иднина?

Една од целите беше да станеме најголема македонска млекарница и нашите размислувања се да почнеме да се доближуваме до млекарници што се најголеми во регионот. За Македонија 110 тони млеко е голема бројка, но ако земеме предвид дека во регионот има млекарници што обработуваат по 300 или 500 тони млеко дневно, оваа бројка не е голема. Наша цел е оваа бројка да расте и следниве три до пет години да ги стигнеме и да бидеме еднакви или поголеми од млекарниците во соседството што ги споменав. Карактеристично за нас е тоа што секоја година пласиравме на пазарот по еден или два нови производа. Затоа нашата производствена палета е многу широка. Во основниот дел имаме буквално се, од пастеризирано до УХТ млеко, цела низа ферментирани производи, јогурт, кисели млека и павлаки, како и бели и жолти сирења. За годинава планираме на пазарот да се појават и ароматизирани јогурти, пудинзи и млека. Неодамна инвестиравме во фабрика за сокови. Станува збор за бившиот објект на „Иноспектар”, односно на „МИА Бевериџис”, каде што сите технолошки подготовки и адаптација на опремата се завршени. Следната фаза ќе биде набавка на суровини и првите сокови треба да излезат на пазарот во јуни. Во овој капацитет во текот на годината треба да се направи спој меѓу млекото и овошјето, односно производи млеко со овошје и овошје со млеко.

Трајното млеко како производ го пуштивте на пазарот некако на крај, откако имавте веќе цела палета на други производи?

Пастеризираното млеко го имаме отсекогаш, а решивме трајното млеко дури сега да го пласираме затоа што тоа зависеше од количините на сировината. Ние како компанија сме препознатливи по белите сирења и тука сме доминантни. Порастот на сировината не дозволуваше да почнеме со друг производ, а не сакавме на база на тоа да го намалиме производството на веќе постојните производи. Со многу напори успеавме да ја зголемиме сировината толку колку што е можно, со пораст на постојните фармери и со преземање фармери што предаваа млеко во друга млекарница. Но, тоа не се процеси што се прават преку ноќ. Покрај тоа, наша стратегија е работите да се одвиваат постапно. На пример, неодамна тргнавме со нова амбалажа на јогуртите. Меѓутоа, претходно две и пол години работевме на тој ферментиран производ за да имаме врвен квалитет и стандарден производ, без варијации, односно изедначен квалитет. Тоа е многу побитна работа бидејќи купувачите сакаат кога ќе создадат навика да нема изненадувања, ни позитивни ни негативни. Тоа е она на што ние работевме и кога станавме сигурни дека јогуртот има стандардизиран квалитет, набавивме нови машини и сега одиме со камлања на пазарот за да се зголеми неговата продажба.

Кога подготвувате нов производ дали се консултирате со странски технолози или цела палета на производи е благодарение на домашни експерти?

Тоа е посебна проблематика на која сме горди и работевме многу. До 2002 година користевме странски технологии затоа што имаше недостиг од квалитетни технолози во Македонија. Меѓутоа, истовремено остваривме соработка со неколку млекарници во Европа, односно со нивни лаборатории и центри за обука. Така успеавме да ја реализираме нашата стратегија, неколку млади технолози за кусо време да станат дел од тимот. Сега „Здравје Радово” Се базира на домашни технолози. Странски технолози покануваме само ако се работи за некој нов производ, за нова палета производи и тоа како размена на искуства, семинари или кратки обуки.

Дали имавте државна помош?

Најголема помош од државата е што регулативите се исти како во ЕУ и што важат за сите, затоа што сакаме да стопанисуваме по строго определени правила. Тоа е најголемата помош. Во сферата во млекарството последниве неколку години се донесени многу регулативи кои се исте како во ЕУ и не само што се донесени, туку и се спроведуваат. Тоа апсолутно значи создавање рамка во која сите субјекти треба да се движат. Од друга страна, постојат државни субвенции, кои не се за нас, туку за нашите кооперанти. Тие субвенции од година во година растат и Македонија се повеќе инвестира во земјоделството, така што нашите кооперанти добиваат субвенции за грло, за земја, за предаден литар млеко и тоа индиректно за нас значи помош. И, уште побитно, многу често државните органи се консултираат со целиот производствен сектор пред да се донесе регулатива. Ние сме задоволни од тој непосреден начин на соработка.

Големите компании се добра конкуренција

Турската компанија „Суташ” неодамна го купи пропаднатиот „Сведмилк”. Има ли простор во Македонија за уште една голема млекарница?

Веќе неколку години во Македонија е присутна фирмата „Лакталис”, кој како бренд е многу поголем од „Суташ” и е присутен не само во Македонија, туку и во Србија, Хрватска и во многу европски земји и е една од најголемите европски компании. Се зборува дека и „Кампина” треба да влезе во Македонија, фирма од сличен ранг. Ние посакуваме конкуренција од поголем обем бидејќи со таква конкуренција подобро се справуваме, односно дел од нивните знаења ги применуваме и учиме од нив. Таквите големи компании работат во вистинска смисла и се позитивни за пазарот. Тие не доаѓаат тука некого да уништат, така што има простор и за „Суташ”, кој е голем производител во Турција и се надеваме дека ќе се однесува како што се однесува дома, дека го познава бизнисот и нема да има импровизации. За Македонија вистинска штета беше инвестиција како „Сведмилк”, чиј бизнис го водеа луѓе што немаа искуство. Се надеваме дека со овој процес и ние ќе растеме, а ќе расте и целиот млечен сектор.

[custom_frame_center]Од Трговец до Најголем Производител на Млеко[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник Прилог – Млеко

Датум на објавата: 07.05.2012

Автор: Валентина Ангеловска

Александра Филиповска

By | 2012-05-07T06:29:56+00:00 07/05/2012|Млеко|