Фирмите до септември треба да ги подигнат електронските здравствени картички за своите вработени кои пак ќе помогнат осигурениците да имаат увид дали им се уплатени придонесите. Од утре започнува нивното издавање.
Од утре започнува издавањето на електронските здравствени картички, кои конечно ќе профункционираат наредната година. Сините картони пак, ќе престанат да се печатат, кога картичката ќе им биде издадена на повеќе од половина граѓани. Оние кои сè уште не поднеле барање, ќе можат да се лекуваат со актуелната здравствена легитимација, но само до јули, 2014-та година. По истекот на овој рок, тие ќе бидат исфрлени од употреба. Фирмите или поединците кои нема да аплицираат во овој период, нема да имаат право да се лекуваат на товар на Фондот.
Нема да можат да користат здравствени услуги затоа што нема да имаат, нема да бидат компатибилни во системот, значи ќе бидат надвор од законот. По тој рок тие ќе нормално ќе можат да направат замена но зошто било кој граѓанин би чекал до тогаш да направи замена час поскоро да се направи замената час поскоро ќе почне да ја менува старата хартиена книшка, вели портпаролот на ФЗО, Бранко Аџигогов.
Електонските картички ќе чинат 250 денари. Но, пензионерите со нето пензија до 15.000 денари, самохраните родители и малолетните деца без родителска грижа, ќе плаќаат само 100 денари. Бесплатни ќе бидат единствено за корисниците на социјална помош. За загубена картичка и обновување на оштетената, осигурениците ќе треба да одвојат средства исто како за нова, а нејзиното одблокирање, доколку три пати внесете погрешен код, ќе чини 100 денари. Преку електронската картичка граѓаните ќе имаат увид дали навремено им се платени придонесите за здравствено осигурување.
Превземено: Телма
Датум на објавата: 18.07.2012
Термин: 18.30 часот
Автор: Весна Јовановска Дојчиновска