Постапката фракционирање плазма е особено значајна за лекување на пациентите заболени од хемофилија, се користи и во хирургијата, но и во современите методи во неврологијата.
Институтот за трансфузија во соработка со Министерството за здравство објави тендер за фракционирање плазма. Како што објасни министерот за здравство Никола Тодоров, тендерот е објавен како меѓународен и ќе заврши со електронска аукција.
Фракционирање на плазмата претставува технолошка постапка со која се изделуваат нејзините компоненти и се преработуваат за понатамошна употреба. Во тендерот се бара да се изврши преработка на плазмата во четири деривати: хуман фактор 8 со висока чистота, хуман фактор 9 со висока чистота, апбумин солуција и имуноглобулин за интравенска апликација. Хуман фактор 8 и хуман фактор 9 претставуваат есенцијапна терапија за лицата заболени од хемофилија, а албумионот и имуноглобулинот претставуваат едни од најбитните лекови кои се користат во хирургијата, но и во современите методи во неврологијата.
Тендерот ќе биде тригодишен, а ќе се додели на оној понудувач кој ќе понуди најниска цена за фракционирање на 5 тони (пет илјади литри) плазма годишно, односно вкупно 15 тони.
Со оваа количина очекуваме да ги задоволиме годишните потреби на РМ со наведените деривати за наредните три години вели министерот Тодоров.
Од 5 тони плазма годишно се очекуваат 5 милиони интернационали единици хуман фактор 8 со висока чистота, 200 илјади интернационали единици хуман фактор 9 со висока чистота, 80 илјади грама албумин солуција (5% и 20%) и имуноглобулин за интравенска апликација (5%), 4000 грама.
Избраниот понудувач ќе има обврска да ја преземе плазмата од Институтот, да ја транспортира до местото на фракционирање, да изврши вирусолошки тестирања на плазмата, да ја фракционира и готовите производи да ги достави до Институтот. За таа цел Институтот ќе биде снабден со соодветна опрема и апаратура, односно веќе е објавен тендер за набавка на апарати за плазмафереза, односно апарати со чија помош директно се дарува крвна плазма, наместо крв. Во меѓувреме во тек е постапката преку ИПА фондовите за обезбедување на ладилници и центрифуги, со што Институтот во целост ќе биде опремен.
Од Трансфузиологија велат дека во моментов во земјава нема недостаток на крв. Тие им укажуваат на лицата кои даруваат крв дека нема никакви штетни последици, дека постапката ја прават стручни лица со максимално сигурна опрема. По извршени 10 дарувања на крв, дарителите имаат право на лекување без партиципација.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 04.06.2012
Автор: В.Ма.