Македонците бараат психотерапевтска помош кога ќе „дојде нож до коска”, пред развод, кога детето ќе „се навлече” на дрога или алкохол, кавгите не можат да престанат, а некогаш завршуваат и со ќотек, бизнисот стагнира или не оди, или кога почнуваат да чувствуваат болка, задушување и страв, а физички се здрави
Во денешно време постојат најразлични проблеми поврзани со стрес на работното место, конфликти меѓу луѓето, брачни проблеми. Лко веднаш не се дејствува на насобраниот стрес, тогаш тој може да премине во поголем психички проблем
Луѓе со напади на паника, фобии, депресија, хипохондрија страв од болести, со растурени бракови, разгалени деца, зависници, се само дел оние што бараат помош од психијатрите и психотерапевтите. Нивните ординации се се пополни, и поради тоа што полека се убива срамот да се побара стручна помош кога чувствуваш дека се вртиш во круг, но и поради се постресното и понесигурно живеење. Но психијатри и психотерапевти велат дека Македонците најчесто бараат помош кога ќе „дојде нож до коска”. Кај нив одат пред развод, кога детето ќе „се навлече” на дрога или алкохол, кавгите не можат да престанат, а некогаш завршуваат и со ќотек, бизнисот стагнира или не оди, или кога почнуваат да чувствуваат болка, задушување и страв, иако физички се здрави. А треба да ги побараат кога не можат да го решат проблемот, колку и да сметаат дека е мал.
ЗАДУШУВАЊЕ, СРЦЕБИЕЊЕ, ТРЕСЕЊЕ, УПЛАВ
Д-р Вера Типко, психијатар и психотерапевт, раскажува за пациент што се жали на интензивна вознемиреност, страв дека ќе му се случи најлошото.
Стравот кај господинот е поврзан со негативни мисли за најстрашното можно сценарио: „Ќе умрам, ќе добијам инфаркт”. Има редица физички симптоми, како срцебиење, губи здив, има недостиг од воздух, му се тресе целото тело. Се плаши да остане сам, одбегнува да оди на места со поголема фреквенција на луѓе, како во супермаркети, трговски центри, за да не му се случи нешто лошо. Или таму оди со некој близок придружник. Тој и покрај тоа што ги направил сите интернистички прегледи, а тие биле уредни, не верува дека има психички проблем. Овој проблем му предизвикува стрес, вознемиреност, а таа и стравот му активираат физички симптоми што пациентот ги интерпретира во насока на физичка болест, а не на психички проблем како панични напади, кои му развиваат и страв поврзан со јавни места (агорафобија) раскажува др Типко, која вели дека има се повеќе пациенти.
Таа објаснува дека најчести проблеми за кои луѓето бараат психијатриска или психотерапевтска помош се депресијата, анксиозни нарушувања, како панични напади, социјална фобија и други специфични фобии. Одат на психотерапија поради опсесивнокомпулсивни нарушувања кога личноста има нереални стравови или опсесии, па повторува однесувања, соматоформни нарушувања, како хипохондрија, маничнодепресивни состојби, шизофренија, како и други поврзани со стрес и психолошки проблеми.
Во денешно време постојат најразлични проблеми поврзани со стрес на работното место, конфликти меѓу луѓето, брачни проблеми. Ако веднаш не се дејствува на насобраниот стрес, тогаш тој може да премине во поголем психички проблем. Луѓето најчесто бараат стручна помош откога проблемот се наталожил и личноста сериозно ги чувствува последиците од психолошкиот стрес, па затоа на луѓето во тој случај им треба и подолготраен третман. Вообичаено се бара инстантрешение, па пациентите почнуваат да злоупотребуваат седативи. Тие, пак, краткотрајно можеби им ги намалуваат симптомите, но не го решаваат проблемот, па самите си навлегуваат во уште поголем нефункционален магичен круг вели д-р Типко.
НЕ ЗНААТ ДА УЖИВААТ
И д-р Зора Митиќ има се повеќе пациенти. Тие, пак, најчесто бараат помош поради состој би на страв и депресија.
Потоа доаѓаат граѓани за помош поради животните проблеми, како што се проблеми во семејството, во партнерските релации,на работното место, на училиште и факултет, во социјалната средина. Имам и постари пациенти што имаат проблеми поради склеротични процеси и сенилност. Но најчесто бараат помош оние од 20 до 30 години. Кај нив чести се појавите на емоционални проблеми, стресови, реактивни депресивни состојби, панични напади, а некогаш, пак, се работи и за сериозни психички болести вели д-р Митиќ.
Д-р Александар Марцикиќ, исто така психијатар и психотерапевт, вели дека кај оние што бараат помош доминираат анксиозни нарушувања, стравови и депресивност. Панични напади најчесто имаат преосетливи или аналитични типови луѓе, кои многу размислуваат како да си ги решат проблемите и ги потиснуваат чувствата.
Поблагите облици на депресија, психотичноста, се препознаваат по пад на расположението, пад на чувството на радост и задоволство, на волјата. Овие луѓе ако не побараат помош ќе им опадне квалитетот на животот вели Марцикиќ.
Нашиот соговорник раскажува за пациенти зависници од работа.
Имам пациенти што цел живот работеле и само работеле, па по 40 години, кога им пораснале децата, и треба да уживаат, не знаат како. Тој проблем се јавува кај менаџерите. Не се научиле да функционираат и да комуницираат дома додава тој.
БРАКОТ ОСНОВА НА ПРОБЛЕМИТЕ
Д-р Марцикиќ смета дека над 90 отсто од причините за проблемите на неговите клиенти се несредени брачни односи, а вториот фактор е несреденоста на општеството.
Партнерите се дистанцирани, има студенило во бракот, очекување поголемо внимание од другиот. Луѓето се во расчекор меѓу традиционалниот и модерниот начин на живот, кој не остава многу простор за заедничко живеење. И жената и мажот работат, тие се рамноправни и тука настанува една конфузија. Мажот сака или не сака да работи и дома, на многу им е срам, некои бараат некој традиционализам што го немало и кај мајка им и татко им, или сака да помогне, а да ј а задржи доминантната позиција. Жената, пак, треба да го роди детето, да се грижи за него за домот. Тоа се ситуации поради кои има конфликти објаснува нашиот соговорник.
Родителите, вели тој, знаат да се свртат повеќе сами кон себе, па се јавува синдром на отуѓеност во семејството, заладени односи. Тогаш децата стануваат разгалени зашто љубовта им се компензира со пари.
Затоа имаме толку млади што гледаат бесцелност, не го структурираат времето низ разни активности, кои ќе им го осмислат животот. Последните дветри години се повеќе доаѓаат луѓе поради брачни проблеми, било едниот било двајцата. Најчесто се согласуваат за помош кога ќе дојдат во ситуација во која постои опасност да се распадне бракот. Тој не се расипува само поради секојдневни кавги, може проблемот да е во премолчување, огромно отсуство на едниот партнер дома. Има случаи кога мажот цел ден е надвор, жената е дома, на пример со свекрва, па почнува да попушта со здравјето додава д-р Марцикиќ.
„Дијазепам” најпрепишуван седатив
Седативите, лековите за смирување, се меѓу првите на листата најпрепишувани лекови од матичните лекари. За лекот „дијазепам” од пет и од два милиграми, лани, пациентите зеле 769.986 кутичиња со сини картони, а во 2010 година 694.326 кутичиња. Аптекарите лани издале 228.227 кутичиња „бромазепам” од 3 милиграми, а преклани 214.998. „Алпразолам” од 0,5 и 0,25 милиграми лани издале 414.720 кутичиња, а во 2010 година 383.421.
За антидепресивот „пароксетин” од 20 милиграми лани биле реализирани 105.616 рецепти, а во 2010 година 93.559. За „серталин”, пак, лани имало 101.304 рецепти, а преклани имало 95.251 рецепта.
Девет и пол милиони евра за смирување
Матичните лекари лани издале 1.495.286 рецепти за анксиолитици или седативи, лекови за смирување со сини картони, што е за 121.070 повеќе од преклани, кога биле издадени 1.374.216 рецепти. Исто така, биле пропишани 255.092 лекови против депресија, што е за 6.573 повеќе од 2010 година, кога со сино картонче во аптека биле земени 248.519 вакви лекови.
Од Бирото за лекови информираат дека годишно трошиме околу 9,8 милиони евра за апчиња за смирување. Во 2010 година сме имале благ пораст на потрошувачката на вакви лекови од околу 5 проценти во споредба со една година претходно. За лани, во Бирото уште собираат податоци.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 04.05.2012
Автор: Наташа Бошковска Златкова