Со Едукација ќе се Привлекуваат Берзански Инвестиции

//Со Едукација ќе се Привлекуваат Берзански Инвестиции

Со Едукација ќе се Привлекуваат Берзански Инвестиции

Македонската берза за хартии од вредност од октомври годинава ќе ја зголемува ликвидноста на пазарот на капитал, инвестициите како и интересот за тргување со хартии од вредност, преку едукација на сите заинтересирани сегменти во посебен Тренинг центар. Проектот со 225.000 евра финансиски е поддржан од Европската банка за обнова и развој, а во едукацијата ќе бидат вклучени брокери, брокерски куќи, банкари, акционерски друштва, медиуми и слично.

Според Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза за хартии од вредност во моментов едукацијата е потребна, таа влијае на зголемување на ликвидноста, но и на заштитата и самозаштитата на инвеститорите. Едукацијата се практикува и во многу од развиените пазари бидејќи значително се подобруваат општите економски услови.

Без целосна квалитетна едукација на сите пазарни учесници нема задоволително ниво на развој и прогрес на пазарот на капитал. Земајќи го предвид искуството на берзите од регионов, како белградската и загрепската каде веќе имаат позитивно искуство од вакви проекти, донесовме одлука да основаме ваков тренинг центар со финансиска помош на Европската банка за обнова и развој и стручна помош на консултанти од конзорциумот на Виенската берза САРМЕХ  објасни Штериев.

Според Штериев, мисијата на тренинг центарот е овозможување на висококвалитетна едукација на пазарните учесници, сегашни и потенцијални на македонскиот пазар на капитал од областа на тргувањето со хартии од вредност и финансиски инструменти, бидејќи зајакнувањето на капацитетите на сите пазарни учесници е еден од најважните предуслови за негов понатамошен развој.

Курсевите ќе почнат од октомври годинава, а ќе биде и промовиран прирачник за самостојно учење. Тие ќе бидат на комерцијална основа, но цените ќе бидат реални и ќе се движат од 1.500 до 7.000 денари.

Според Елена Урумовска, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, за овој проект тие обезбедиле 225.000 евра, а во едукацијата ќе може да се вклучат брокери, брокерски куќи, банкари, акционерски друштва, медиуми, а на располагање ќе им бидат искусни експерти од оваа област.

Ханес А. Такач, главен партнер во САРМЕХ  конзорциумот на Виенската берза укажа дека имаат големо искуство, бидејќи на вакви проекти работеле во 43 земји во светот. Според него, зголемувањето на финансиските знаења е важно за макроекономската политика на земјата, оти се зголемува интересот за инвестиции.

Штериев даде оценка за работењето на Берзата до 15 јуни годинава, споредувајќи со истиот период лани. Бројките покажуваат тренд на намалување кај вкупниот промет по основ на акции, блок трансакции и обврзници за околу 60%, односно реализирани се 2,4 милијарди денари, наспроти ланските 6,3 милијарди денари, што е намалување за 60%. Тргувањето со акции достигнало 840 милиони денари, наспроти ланските 1,1 милијарда денари што е помалку за 24%, а слично е и тргувањето со обврзници кое годинава изнесува 690 милиони денари, а лани 722 милиони денари.

Намален е и индексот за нешто над 20%, што е многу слично со пазарите во регионов.

[custom_frame_center]Со Едукација ќе се Привлекуваат Берзански Инвестиции[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 28.06.2012

Автор: В.Ма.

By | 2012-06-28T01:19:16+00:00 28/06/2012|Берза|