„Стројтранс гас” ќе го Гради Гасоводот до Неготино

//„Стројтранс гас” ќе го Гради Гасоводот до Неготино

„Стројтранс гас” ќе го Гради Гасоводот до Неготино

Руската компанија „Стројтранс гас” и Македонски енергетски ресурси (МЕР) вчера во рамките на Меѓувладината македонско руска комисија потпишаа меморандум за соработка, кој е првиот сериозен чекор кон изградба на националната гасоводна мрежа во земјава. Договорот треба да се потпише најдоцна за неколку месеци, по што ќе почнат и работите на терен.

Ова претставува круна на напорите што досега ги вложивме во фамките на Меѓувладината комисија и Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија со кој ќе се реализира овој проект и последната посета на премиерот Никола Груевски и средбата што тој ја имаше со претседателот Владимир Путин во Санкт Петербург минатата недела, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е и копретседател на Мешовитата комисија по потпишувањето на меморандумот. Тој додаде дека очекува со оваа спогодба да се утврди временската рамка во која ќе се усогласат сите технички и други детали за да може за неколку месеци да почне реализацијата на проектот за гасификација, односно да се потпише и договорот со кој целосно ќе се реализира овој проект. Двете страни имаат најмногу еден два месеци да ги финализираат работите на своја страна и најмногу за три четири месеци да се почне реализацијата на проектот, рече Ставрески.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави дека меморандумот овозможува уште во текот на овој месец да се почне со постапка за експропријација и добивање одобрение за градба.

Руската фирма инаку треба да почне со изградба на првиот крак од гасоводот на линијата Клечовце  Штип  Неготино ТЕЦ „Неготино”, со што гасот ќе се донесе до термоцентралата која потоа ќе се трансформира да користи гас како гориво за производство на струја. За оваа делница Русите ќе издвојат 60 милиони долари, додека државата ќе учествува со 15 милиони долари. Завршувањето на работите би било за околу две години.

Остатокот од мрежата се планира да се гради во две фази, Во првата би биле линиите Штип – Струмица, потоа Кавадарци – Прилеп – Битола и Скопје –Тетово – Гостивар. Изградбата на оваа фаза ќе чини околу 86 милиони евра. Втората фаза, пак, би биле линиите Гостивар – Кичево – Охрид – Струга – Ќафасан, потоа Битола – Охрид, како и Хамзали – Ново Село граница со Бугарија и други помали секции. Цена на оваа фаза е 145 милиони евра.

За потребните средства за овие две фази веќе се водат преговори со ЕБРД и ЕИБ кои даваат поволни кредити, особено за изградба на гасоводни мрежи, со долг рок на отплата, со оглед дека се работи за инвестиции кои се скапи и е потребен подолг период за да станат исплатливи, вели директорот на МЕР, Крсте Миладинов.

Со изградба на мрежата ќе се релаксира и македонскиот електроенергетски систем бидејќи освен што некои од постојните електрани кои стојат неискористени поради скапата цена на мазутот ќе можат да произведуваат струја на гас, се отвора можност и за изградба на нови комбинирани централи на гас, каква што е скопската ТЕТО.

[custom_frame_center]„Стројтранс гас" ќе го Гради Гасоводот до Неготино[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 03.07.2012

Автор: Зденка Павловиќ

By | 2012-07-03T03:55:06+00:00 03/07/2012|Нафтени деривати|