Упорност и Добар Бизнис План ги Отвора Вратите на ИПАРД

//Упорност и Добар Бизнис План ги Отвора Вратите на ИПАРД

Упорност и Добар Бизнис План ги Отвора Вратите на ИПАРД

Според Живко Туфекчиев, сопственик на компанијата „Фрутема”, процедурата за добивање на средствата од европските фондови не би била сложена ако барателот е добро информиран и ја прибере потребната документација. Управителот на Млекара ДООЕЛ Штип, Горан Улански вели дека апликацијата за добивање средства од ИПАРД ја подготвувале половина година за што бил ангажиран посебен тим

Процедурата за добивање средства од европските фондови воопшто не е лесна бидејќи треба да се прибере обемна документација согласно правилата што ги бара ЕУ. Но, оние кои го изоделе овој напорен пат велат дека се исплати затоа што времето и вложената енергија се забораваат откако европските пари им помогнале успешно да ја затворат својата инвестициска приказна.

„Фрутема” прв корисник на ИПАРД

Живко Туфекчиев, сопственик на компанијата „Фрутема” вели дека тие се првите кои добиле пари од ИПАРД програмата, наменета за инвестиции во земјоделството. Добиените средства од ИПАРД, Туфекчиев ги искористил за поставување на системот за наводнување „капка по капка” на овошни и лозови насади во близина на Кавадарци.

Идејата за да аплицирам за ИПАРД средствата ја добив од огласите што ги објави Платежната агенција. Аплициравме и нашиот проект беше одобрен. Парите ги вложив во изведба на систем за наводнување „капка по капка” и машина за родова обработка на лозите. Вкупната инвестиција изнесуваше 40.000 евра. Дел беше сопствени средства, но откако проектот го реализиравме, преку ИПАРД ни вратија 50% од инвестицијата  вели Туфекчиев.

Инаку, Туфекчиев претходно никогаш не се занимавал со земјоделство.

Претходно работев во телекомуникацискиот сектор, имав кабелска телевизија, но ја продадов. Пред пензионирање решив да се занимавам со нешто друго. Купив земјиште, засадив овошни и лозови насади и почнав со производство на овошје и на трпезно грозје. Видејќи ми беше потребен систем за наводнување, решив да аплицирам за добивање средства од ИПАРД  објаснува Туфекчиев.

Според него, процедурата за добивање на средствата од европските фондови не би била сложена ако барателот е добро информиран и ја прибере потребната документација.

Имавме дури 33 поднесоци на документи, но успеавме сите навреме да ги обезбедиме за да аплицираме  вели Туфекчиев.

Тој очекува за тричетири години да му се врати инвестицијата, по што планира да остварува и профит.

Млекара Штип го усоврши производството

Втора успешна приказна за реализирана инвестиција со помош на пари од европските фондови е онаа на Млекара ДООЕЛ Штип. Нејзиниот управител Горан Улански вели дека апликацијата за добивање средства од ИПАРД ја подготвувале половина година за што бил ангажиран посебен тим.

Имавме потреба да го усовршиме производството за да ги следиме европските трендови. Затоа аплициравме да добиеме пари за производствена линија за млеко и млечни производи (јогурт, овошен јогурт) нагласува Улански.

Според него, процедурата за добивање на европски пари е многу обемна и на почетокот кога ќе се погледне се што треба да се донесе како документација, го прави барателот многу несигурен.

За бизниспланот дури ангажиравме консултантска куќа за работата да биде успешно завршена вели Улански.

За новата производствена линија Млекара Штип инвестираше 165.000 евра, од кои 80.000 се од ИПАРД. Улански вели дека планираат и оваа година да аплицираат за средства од ИПАРД за купување на нова опрема за пакување на млекото и млечните производи со цел да го зголемат производството и да воведат нови производи со поголема додадена вредност. Каков е бенефитот од новата опрема појаснува Костадин Шеќеринов, шеф на производство во Млекара Штип.

Со старата опрема која беше со помал капацитет, производството траеше од 8 до 9 работни часови, а сега истата количина ја преработуваме за три часа. Со тоа заштедуваме мазут и електрична енергија и имаме можност да воведеме нова палета на производи  додава Шеќеринов.

Нови 5 милиони евра од ИПАРД

Од Министерството за земјоделство засега се задоволни од реализацијата на ИПАРД програмата и очекуваат оваа година да бидат повлечени околу 5 милиони евра за поддршка на проекти во земјоделскиот сектор и руралниот развој. Кристина Делева, државен советник за рурален развој во Министерството за земјоделство, вели дека досега се склучени договори за кофинансирање од ИПАРД во вредност од 7 милиони евра.

Очекуваме до крајот на 2012 година да бидат повлечени околу 5 милиони евра, бидејќи во тек е реализацијата на поголеми инвестиции  вели Делева.

Објаснувајќи ги поплаките на потенцијалните апликанти дека процедурата е мошне сложена, Делева вели дека правилата на ИПАРД бараат почитување на домашното законодавство и принципите на ЕУ, при што за секоја апликација која се однесува на различна инвестиција, различни се и одобренијата и документацијата која треба да се приложи.

[custom_frame_center]Упорност и Добар Бизнис План ги Отвора Вратите на ИПАРД[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 17.04.2012

Автор: Светлана Блажевска

By | 2012-04-17T06:59:51+00:00 17/04/2012|Млеко|