И покрај кризата во Грција, скопската рафинерија ОКТА нема проблем со добавувачи на нафта и снабдувањето со нафта. Ова го потенцираше Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетичари на Македонија – ЗЕМАК на вчерашното одбележување на 20-годишниот јубилеј. Според него, снабденоста на пазарот на нафтени деривати во земјава е на сосема солидно ниво.
-ОКТА располага со доволни количини да го снабди пазарот во земјава како и сите оние купувачи што ги има на косовскиот и на српскиот пазар. Од наша страна нема никакви проблеми во однос на снабдувањето и функционираме нормално и без никакви проблеми – посочи Јаневски.
Јаневски информираше дека во ова Здружение изминативе 20 години членуваат многу експерти и луѓе кои што работат во енергетски компании, образовните институции и токму затоа ги познаваат енергетските проблеми.
-Во моментов се работи петгодишниот дел од енергетската стратегија за да се изнајдат правилните решенија во овој момент кога е тешко снабдувањето со електрична енергија и кога треба да се зачува сигурност – смета Јаневски.
Министерот за економија Ваљон Сараќини најави дека многу скоро ќе биде пуштена во употреба ХЕЦ “Света Петка”, а за “Бошков Мост” се очекува многу брзо да се заврши процедурата околу тоа која компанија ќе биде инвеститор. Се чека и финален одговор за изградбата на најголемиот енергетски проект “Чебрен и Галиште”, а завршена е и предфизибилити студијата за “Вардарска долина”.
-Изградени се пет мали хидроелектрани, а до крајот на годината ќе бидат десет. Следната година ќе бидат објавени на тендер 24 локации, очекуваме инвеститори во делот на фотоволтаичните централи, на сите енергетски полиња детално се работи – посочи Сараќини.
Тој нагласи дека имаат одлична соработка со Здружението бидејќи заеднички работат на многу проекти во енергетиката, а експертите од ова здружение биле вклучени во формирањето на стратегијата за развој на енергетиката до 2020 година.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.vecer.com.mk
Датум на објавата: 09.06.2012
Автор: В.Ма.